СЕКТОР 6
Археолошките ископувања во сектор 6 се изведуваа на ј/з крај на тврдината, на просторот помегу внатрешниот и надворешниот бедем, помеѓу кулите 13, 17 и долж надворешната страна на јужните партии од западниот внатрешен бедем.
Истражувањата во овој сектор имаа за цел да се откријат остатоците на внатрешниот бедем кои во овој дел се речиси целосно уништени, како и да се утврди постоењето на стара патека/калдрма која водела кон јужниот влез на тврдината. Археолошките ископувања на овој простор се отежнати поради самата конфигурација на теренот, односно острата падина и силната еродираност на земјиштето со целосно нарушена стратиграфија, како и поради бројните современи градежни интервенции на тој дел од теренот (потпорнни ѕидови, патеки и сл) кои во голема мера ги уништиле археолошките слоеви.
Со ископувањата се покажа дека внатрешниот бедем на овој простор е зачуван во сосем мал дел во западниот и источниот дел на секторот, додека средишниот дел е сосема уништен. Единствено се запазени компактни ѕидни платна отпаднати од масата на бедемот.
Движниот археолошки материјал откриен на овој простор, и покрај измешаната стратиграфија, покажува, во прв ред постоење на енеолитскиот период претставен со фрагменти од садова керамика (садови со тунелеста и јазичеста рачка, садови со канелиран раб итн.), како и со дислоцирани фрагменти од куќен лепеж. Сосема скромни остатоци од раноантичкиот период (неколку фрагменти од сиво печена и мазнета керамика од скифос, кантарос и др.) само упатува на можни активности на Калето во тоа време. Доцната антика е претставена преку ретки фрагменти од македонската сива керамика, додека византискиот и турскиот среден век, освен со карактеристичниот керамички материјал е потврден и со монети (од чанкаст тип, турски бронзени монети, сребрена акча), бронзени предмети (тока, апликации) и др. Истражувањата во овој сектор открија значаен елемент од урбанистичката структура на стариот град. Се работи за одводен канал изграден од камен, којшто ја изнесувал водата од горниот дел на градот, преку падината се до коритото на р. Вардар. Во поглед пак на постоењето на стара пристапна калдрма, се откри сосем мал дел од истата, на незначителна длабочина под современата патека.

сл. 1. западна фортификација |

сл. 2. работна фотографија (1) |

сл. 3. работна фотографија (2) |

сл. 4. панорама - од север |

сл. 5. работна ситуација |

сл. 6. канализација (1) |

сл. 7. канализација (2) |
|
|
од 02.06.2007 до 27.07.2007 год.
Поради специфичноста на теренот и потребните посебни мерки за продолжување со расчистувањето на теренот долж западниот бедем од надворешната страна, со ископувањата во секторот 6 се направи пауза. По обезбедувањето на неопходните, пред се безбедносни услови за работа на тој дел од теренот, ископувањата ќе продолжат. Основната цел ќе биде да се расчистат срушените делови од јужниот бедем и некогашниот Историски музеј со што ќе се отвори простор за идна конзервација и реконструкција на западниот фортификационен ѕид на Калето.