СЕКТОР 3
Во рамки на Секторот 3 иницијално беа отворени 3 сонди поставени долж претходно трасираниот правец на простирање на секторот.
Наспроти релативно скромните податоци кои првите две сонди ги дадоа, веќе повлекувањето на јужниот профил на Сонда 2 ја навести богатата секвенца на податоци кои се открија на овој простор во тек на изминатите два месеци. Првиот откриен објект представува анекс кон Кулата 8, прилепен кон нејзината јужна страна, со кој бил проширен функционалниот простор на одбраната во доцниот XVII и XVIII век. Независно од него, на неколку метра оддалеченост беше откриена правоаголна градба подигната со цокла во сувоѕид и надземна конструкција во лепеж, што се води под работен наслов "Трем." Директно сврзани за неа се и најексклузивните движни наоди откриени на овој сектор:
- бронзен сад откриен на нејзиното најстаро подно ниво,
-посветен старословенски натпис со капитално значење за доцносредновековната епиграфика, прелиминарно датиран во доцен XIV/XV век,
- како и група на фрески од внатрешната декорација на црква, грубо датирани во истиот период.
Последниот наод сугерираше постоење на црковен објект во непосредна близина, на што укажуваше и некрополата која радијално се шири на целото плато.
Југоисочно од Тремот во текот на месец мај се откри дел од капитален објект во тврда градба. Со проширувањето на истражуваниот простор, се откри источниот сегмент на оваа градба дефинирана на источната страна со апсида. Тоа конечно ни го потврди сакралниот карактер на објектот, односно црква чија обнова прелиминарно се врзува за периодот на турското средновековие, најверојатно за XV или XVI век. Продолжувањето на истражувањата ќе овозможи целосно отварање на градбата што делумно сеуште се наоѓа под рецентни земјени наслојувања, како и нејзина детална анализа.
СЕКТОР 3А
Со ископувањата во сектор 3А, на просторот на квадратите G2,G3,H2 и Х3, од внатрешната страна на бедемот, се откриени остатоци од градби, градена во праисториска техника од дрвена конструкција и лепеж.
Големината и диспозицијата на градбите сеуште не може да се утврди поради уништеноста на источните делови со градењето на монументалниот бедем. Сепак со проширување на секторот кон север и запад се отвара простор за откривање на поширока и далеку подефинирана организација на појавите и остатоците од засега најстарата населба на Калето.
Врз основа на бројниот движен археолошки материјал (керамика, коскени и камени алатки и слично), најверојатно се работи за остатоци од пространа населба од бакарното доба-енеолитот (околу 4 милениум пред н.е ) со градби (куки, складишта, јами) делумно вкопани во дебел нанос од црвена глинеста земја.
сл. 1. сектор 3 - бедем со триаголна кула |

сл. 2. сектор 3 - анекс од триаголна кула |

сл. 3. сектор 3 - прво откривање на некрополата |

сл. 4. сектор 3 - фрагмент од феска со светителски лик |

сл. 5. сектор 3 - доцно средновековен старословенски натпис |

сл. 6. сектор 3 - работна фотографија од север |

сл. 7. сектор 3А - опочнување на истражувањата |

сл. 8. сектор 3А - работна фотографија |

сл. 9. сектор 3А - чистење на бедемскиот ѕид |

сл. 10. сектор 3А - делови од праисториска градба |

сл. 11. сектор 3А - основа од праисториска градба |

сл. 12. сектор 3А - складишна јама |
од 02.06.2007 до 27.07.2007 год.
СЕКТОР 3
Со проширувањето на овој сектор истражувачките активности се одвиваа паралелно на две позиции,
сектор 3 и 3А. Секторот 3 го опфаќа делот на кој се откри и ширеше средновековна црква со околните погребувања. Во секторот 3А останаа новооткриените партии од источниот монументален ѕид
со праисториските културни слоеви под него, долж неговата внатрешна страна. Во двата дела се открија недвижни објекти погодни за натамошен конзерваторски третман и евентуална презентација.
Црквата е во целост откриена и истражена со сите придружни појави, кои убаво ја определуваат и стратиграфски јасно позиционираат. Такви се пред се бројните погребувања во и околу неа, кои се во строго одредени релации со црквата, со мал број на значајни гробни прилози.
СЕКТОР 3А
Со истражувањето на праисториските слоеви во секторот 3А се открија две фази на енеолитски интервенции во меката глинеста основа на теренот. Документирани се повеќе објекти (станбени и складишни) делумно или целосно вкопани во глинестата здравица со карактеристики и инвентар, што ги илустрира првите-најрани активности на Калето или времето на IV милениум пред н.е.
|