За нас | За Калето | Галерија на Наоди | Контакт | English
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
  Линкови

ОД ДНЕВНИКОТ НА РАКОВОДИТЕЛОТ:

СКОПСКО КАЛЕ - ИСТРАЖУВАЊА 2007

-Припремни работи, организација и почеток на истражувањата
Скопското Кале претставува еден од најпривлечните,  и најпровокативни, но во исто време и најконтроверзни и најсложени локалитети за археолошко истражување.
Иако се неспорни и сосема доволно документирани неговите големи археолошки потенцијали, сеуште се непознати неговите основни културни и историски параметри. Иако претставува локалитет на кој се вршени најголем број археолошки - конзерваторски интервенции сеуште е третиран како обично излетничко место, многу повеке  отколку како вистински археолошки локалитет. Иако го зазема најдоминантното и централно место во главниот град со огромни културни и туристички можности, сеуште целиот простор е во служба на единствената функционална градба, еден обичен ресторан од пониска категорија изграден  пред неколку децении на најекспонираниот дел од локалитетот. Иако со тој простор е поврзана готово целата културна и политичка историја  на градот од најстарите праисториски времиња до земјотресот во 1963 година, сеуште претставува само обична тревна површина со прекрасен видик на целото централно градско подрачје.
Но, да се ископува на Скопското Кале, само на прв поглед изгледа како примамлива можност за богат археолошки лов. Всушност, имајки  ги предвид перманентните оштетувања и нарушувања на археолошките слоеви низ сите изминати времиња, ископувањето на Кале претставува крајно неизвесна, макотрпна  и не многу благодарна археолошка работа. Затоа, пред истражувањето на Кале, како раководител со акцијата, всушност се чувствувам  како хирург пред организам зафатен со безброј болести. Ако на тоа му ги додадеме и сите тековни и организациони проблеми што можат да произлезат при реализација на проектот, поради големиот јавен интерес, различните очекувања и постојаните медиумски потреби за спектакуларни информации, работите дополнитетелно се усложнуваат. Така, Калето не е само обичен организам зафатен од различни болести туку пациент од посебен ранг за кој има најширок интерес и за кого постојат различни прогнози и очекувања, а од вас се очекува сите нив да ги остварите.  
Самата идеја за Проектот Археолошко Истражување "Скопско Кале"  произлезе од неспорната потреба за конечно ефектирање на големите  потенцијали  на еден таков простор и негово преуредување со нови содржини и нова соответна урбанизација. Зад таквата иницијатива, покрената од Директорот на Управата за Културно наследство, Паско Кузман, безрезервно застана Владата на Република Македонија и премиерот Никола Груевски.  
Откако беше јавно обзнанета идејата за реализирање на проект за истражување на Калето во јавноста веднаш се појавија различни мислења и реакции. Најчесто, проектот се поздравуваше,  со надеж дека конечно просторот на Скопското Кале ке се стави во вистинска функција,  како вистински културен, историски, туристички и урбанистички центар на нашиот главен град. Но, во исто време се појавија и одредени крајно политизирани реакции, во служба на остварување ефтини политички поени. Така, за поединци беше неприфатливо да се работи на Калето, најповеке поради можноста, наводно нешто од откриеното да биде сокриено и премолчено. Носители на таквите, крајно неаргументирани тврдења  беа група т.н. албански интелектуалци, кои нашироко (преку медиуми, трибини, јавни манифестации и сл), ја хранеа јавноста со дезинформации, дека со истражувањата на Калето наводно ке се сокриеле цели култури, што според нив опстојувале на овој простор и со тоа ке се сменела историјата. Тие, без никаква научна основаност, на сите можни начини пласираа приказни и загриженост за наводната култура на старите Илири и Дарданци,  чии остатоци требало да ги има на Калето, а со истражувањата тие артефакти би можеле да се сокријат.
Од целата медиумска кампања, на крајот остана нејасно, на основа кои податоци, уште пред почетокот на истражувањата оваа "група грагани" изградила така цврсти  " сознанија" за културните и историски вредности што треба да се откријат на Калето. Остана неразјаснето, каква е таа  илирска култура на која се однесуваше експонираната загриженост, од кое време е и за кои конкретни (илирски или дардански) културни манифестации на Калето станува збор.  Сепак, и покрај нестручноста и елементарното неразбирање на материјата, оваа група грагани си дозволи јавно да бара, во реализацијата на ископувањата да бидат вклучени албански археолози од Косово или Албанија, како гарант за исправното работење. Такво нешто за нас беше крајно потценувачко и неприфаливо, најповеке поради нескриената политизираност и ангажираност на таквите активности, што претставуваа  сериозна опасност да ги сруши сите критериуми, методи и принципи на археолошкото работање.
Сите припреми во служба на градење стратегија и планирање   на претстојните истражувања беа обавени во текот на првите месеци од 2007 година. Со почетокот на март, веке во детали беше одреден методолошкиот пристап, екипата и динамиката на работа, кои беа содржани во изготвената програма за истражување. По прифакањето на програмата, и по издавањето на Дозволата за ископување, можеа да отпочнат конкретните активности на припремање на теренот и непосредното поставување на организацијата.   
Недела дена пред званичното отпочнување со теренските работи закажано за 15 Март, на Калето се изведуваа неопходните подготвителни работи. Се изврши генерален геодетски премер на теренот со поставување, поточно вракање на старата квадратна мрежа од 1967 година. Целиот простор во внатрешноста на бедемите беше исколчен, поделен на големи квадрати 50 х 50 метри. Во рамки на таквата генерална мрежа, на позициите предвидени за истражување беше поставена микро мрежа со квадрати 5 х 5 метри и измерени апсолутни коти за секое поставено колче. Беше одреден начинот и  најпогодното место за депонирање на исфрлената земја, како и сите детали на тековниот процес на теренската работа, докумемнтација и заштита на откриените наоди.    
Во зависност од поставените цели,  беа одредени 6 сектори - 6   различни позиции за истражување со различна просторност, на кои ке бидат ангажирани по 30-тина луге. За секој сектор се предвидени по двајца непосредни раководители, со целосна одговорност за реализација на непосредниот процес на истражување и документација. За таа цел секој од раководителите има по 2 ассистенти.
За потребите на фото и видео документација ќе бидат постојано ангажирани два фотографи и повремено еден камерман, кои ке ги опслужуваат сите сектори и во исто време ке работат на дигитализација на фото документацијата.
Геодетските мерења и котирања ке ги изведуваат двајца геодети, што ке ги опслужуваат сите сектори.
Секој од секторите ке има на располагање по еден документатор - технички цртач на откриените археолошки ситуации.
Третманот на секој еден откриен движен наод подразбира поминување низ еден долг и целосно заокружен процес, од самото нивно откривање до конечното музејско депонирање. Така, откриените наоди, после техничкото исцртување и фотографирање во изворна положба на откривање и после нотирањето во секторските дневници, во листите на целини (локус листи), се предаваат на натамошен третман во т.н.  сектор за конзервација. Се работи за специјално организираниот  просторот за чистење и превентивна заштита, каде ке работат десетина  керамичари и препаратори, под водство на еден главен конзерватор. Следната етапа подразбира поединечно фотографирање и исцртување на секој еден наод, по што следува и негова теренска инвертаризација (добивање на инвентарен број и личен картон) во специјално изработен софтвер за таа намена.  За таа цел перманентно ке работат 4 цртачи на предмети, еден документатор-инвентатор и еден координатор на движните наоди. Поради специфичноста на одредени наоди и материјалот од кој се изработени, оваа шема нема да важи за наодите на монети, и оние посебни метални, коскени и слични наоди што ке бараат ургентен и посложен конзерваторски третман. Тие, по нивното документирање во рамки на откриените ситуации дирекно ке бидат носени во Конзерваторската лабораторија на Музејот на Македонија, каде ке бидат целосно третирани, документирани и инвентарирани.
Во вака поставениот процес на работа значајно место ке има и користењето на механизација за расчистување на теренот и транспорт и депонирање на исфрлената земја, при што ке се издвојува земјата од камењата кои ке бидат депонирани на одредени позиции за евентуално подоцнежно нивно искористување за конзервација.
По поставувањето на севкупната организација, обезбедувањето алат, техника и комплетирањето на екипата, како и по почетното расчистување на теренот и остранувањето на хумусниот слој во првите денови од Понеделник-12. март  до среда -14.март 2007 година, истражувањата званично можеа да отпочнат.

Четврток-15 Март 2007

-Официјално отпочнување со Археолошкото Истражување "Скопско Кале".
Почетокот беше одбележан со посета на локалитетот на званична делегација предводена од Премиерот, Министерот за Култура и бројни други посетители, следени од готово сите електронски и пишани медиуми. Притоа,  на Премиерот му беше објаснет целиот процес на работа, целите и очекуваните резултати,  преку посета на сите сектори поединечна и дирекно запознавање со непосредните секторски раководители. По обиколката следуваа куси брифинзи за новинарите од страна на Премиерот и од моја страна.

Веке се работи со полна пареа, со тоа што, за поголема покриеност на теренот  предвиден за истражување  се отвораат  два нови сектори (сектор 7 и 8). Над 200 учесници во теренските активности се зафатени со конкретни задолженија. Најголемиот број се студенти, апсолвенти, дипломирани, постдипломци и невработени археолози, кај кои се чуствува нескриен елан за работа. За многу од нив ова е прва можност да бидат непосредно вклучени во реализацијата на ваков еден проект, да го стекнат неопходното практично искуство и да се побараат и најдат себе си во струката.
Овој сегмент на отвореност на акцијата  може да биде нејзиниот најголем и најзначаен белег. Затоа ке настојувам, надвор од вообичаените принципи на археолошкото работење,  додека трајат ископувањата, локалитетот да не биде затворен за посетители и за сите заинтересирани. Напротив убеден сум дека  отвореноста на една ваква акција, може значајно да допринесе за широко запознавање со вистинскиот карактер на археолошката работа. Уште повеке, тоа е неопходно за запознавање со вистинското значење на културното наследсво и за развивање на неопходната грижа за него, не само кај учесниците во акцијата, ами уште повеке кај локалното население, кое ке може во секој момент да го посетува Калето и непосредно да ја следи работата на археолозите .

webmaster
Археолошко Ископувње Скопско Кале © 2007. Сите права се задржани.
designed & powered by insourcingMk